Македонија
2. November 2017 - 16:29

Обвинителството не открива кои владини функционери се сомничат за корупција

Повикувајки се на тајноста на постапката јавното обвинителство не открива кои се високите претставници на власта за кои се води постпака, случаи за кои јавноста вчера ја информираше лично премиерот Зоран Заев.

-Согласно одредбите од член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејствија што се преземаат во предистражната постапка од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија ​се сметаат за тајна и не можат да бидат споделени со јавноста, се вели во одговорот кој од службата за односи со јавност на јавното обвинителство го доставија на поставените прашања.

Потврда за тоа како премиерот Заев дознал за постапките нема ниту од неговиот кабинет, ниту пак за делата за кои тие се сомничат. Од владината прес служба велат дека сите информации ги пренеле во вчерашното соопштение во кое ја пренесоа изјавата на Заев. Повеќе информации ќе пренесат кога ќе можеле да ги споделат со јавноста.

Заев вчера во рамки на самитот ,,Македонија 2025‘‘, говорејки пред претставниците на меѓународната заедница на англиски јазик како што пренесе неговата служба порачал:

-Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам за прв пат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција, и како резултат на тоа во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта кои се на должност неколку месеци. Се разбира ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи подеднакво за сите, рекол Заев пренесе службата за односи со јавност на владата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе реагираа на ваквата изјава на Заев псоочувајки дека ова  потврдува дека постои директна спрега помеѓу СДСМ и јавното обвинителство кое се користи за механизам за дисциплинирање, закана и уцена.

Посочувајки дека е со лош квалитет, снимката од овој говор која единствено ја регистрирал владиниот снимател таа не беше објавена во оригинал во јавноста.