Македонија
16. March 2019 - 16:06

Обвинителството продолжува со истрага за организаторите на 27 април, Чавков по пресудата вели дека предметот е монструозен

Ден по пресудата за најголемиот судски процес за 27 април, обвинителството собира докази за да дојде и до организаторите и нарачателите на собраниските инциденти.

За истото кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, засега првоосомничен е екс премеирот Никола Груевски, но доказите за него обвинителите ги набавија три месеци откако ја напушти земјава. Покрај Груевски, со истрагата се опфатени и поранешниот спикер Трајко Вељановски кој се спаси од притвор со пратеничкиот имунитет, поранешните министри Спиро Ристовски кој се наоѓа во истражниот затвор во Шутка и Миле Јанакиевски на кого му беше определена мерка куќен притвор, како и екс разузнавачот Бошкоски кој речиси две години е избеган во Грција.

Од обвинителството посочуваат дека не се  исклучува можноста покрај овие пет лица истрагата да биде проширена и со други, но тоа ќе го покаже прибирањето на сите неопходни докази, кое е се уште во тек.

Вчерашната пресуда која надмина 200 години затвор вкупно за сите 16 обвинети лица, предизвика бурни реакции во јавноста.

Екс директорот на БЈБ кој ја заработи и највисоката затворска казна од 18 години, само неколку часа подоцна реагираше на facebook. Според Чавков, обвинението е монструозно и неосновано, а казната драконска.

Ги повикувам сите членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ како и добронамерните граѓани на Република Македонија кои не се политички определени да се обединат околу каузата на ВМРО-ДПМНЕ и да се порази злосторничката организација која ги киднапира сите институции.

2. Вилата на Халкидики ( ако ја најдете да постои), ја поклонувам на ,,истражувачките новинари“.

3. Најавувам тужба за фингираната службена белешка, пишува Чавков.

На судската пресуда денеска реагираше и претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ пред жителите на Могила. Професорката Силјановска оцени дека  со високите затворски казни Макеоднија наликува на земја што има сериозен проблем со тероризмот.

Она што најмногу ме загрижува е фактот што ние правниците честопати велиме дека нема поголема неправда од задоценета правда, порача Силјановска и изрази надеж дека повисоките судски инстанци и Стразбуршкиот суд ќе се водат навистина од правото и правдата.

Нејзиниот противкандидат Пендаровски пак вели дека со ваквата изјава Силјановска отворено застанува во одбрана на насилницте.

За жал таа партија и нејзиното сегашно раководство, не смогнаа сила да го осудат тој чин, да се оградат од насилниците и да побараат извинување од сите македонски граѓани. Уште полошо, кандидатот на таа партија за претседател на државата, го релативизираше настанот и рече дека некои други луѓе кои беа на страната на жртвите, требало да бидат процесуирани, а не насилниците кои посегнаа по животот на пратениците, вели Пендаровски.

Слична реакција испрати и СДСМ во која се вели дека неправда е насилството да се нарекува правда и ниту една да не се осуди организираниот насилен упад во Собранието.