Балкан
27. May 2016 - 10:07

Од денеска до недела во Тирана ќе заседава Парламентарното собрание на НАТО

Од денеска до недела, во Тирана ќе се одржи Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, поради што видно се зголемени безбедносните мерки.

- Сите шест комесаријати во Тирана преминаа во целосна готовност за да ги обезбеди активностите на собирот. Деветте хотели во кои ќе бидат сместени 600-те делегати се под силно обезбедување од страна на полицијата која за контролата користи и кучиња за откривање експлозив, јави тиранската телевизија Топ-чанел.

Според истиот извор внатрешноста на хотелите во текот на трите дена ќе ја обезбедува воената полиција и вооружените сили. Исто така, дел од планот на мерки е и албанската тајна служба, ШИШ, Агенцијата за разузнавање, како и Националанта гарда, која ќе ја обезбедува Конгресната палата, каде ќе се одржува работниот дел.

Во текот на трите дена ќе има и ограничено движење на патниот сообраќај по улиците околу Конгресната палата, додека околу објектот е забрането движење на пешаци.

Во приправност три дена ќе биде и Единицата за брзи интервенции, како и другите специјални полициски и армиски единици, кои ќе ја набљудуваат ситуацијата и од повисоките објекти околу Конгресната палата.

Полициски извори, за телевизијата, не ја отфрлиле можноста да надлетува и воен хеликоптер, како што тоа беше кога во албанската метропола престојуваа високи личности.

Инаку, ова е прва средба на Парламентарото собрание на НАТО што се одржува во Албанија.

- Албанија како земја членка на НАТО ќе го пречека Парламенарното собрание на НАТО. Неговото одржување во Тирана е еден квалитет во промената на меѓународниот статус на Албанија, изјави неодамна Пандели Мајко, пратеник на владејачката Социјалистичка партија и претседател на албанската делегација во НАТО.

Во текот на трите дена, според Мајко, ќе стане збор за тешките предизвици на Алијасата во иднина.