Бизнис
14. March 2019 - 14:11

Од наредната седмица директни летови на „Визер“ од Охрид за Малме и Милано

Од наредната седмица стартуваат првите летови на нововоспоставените директни линии на релација Охрид – Малме и Охрид – Милано, што ќе ги реализира нискобуџетната авиокомпанија „Визер“.

В понеделник на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе слета првиот авион од Малме, додека ден подоцна во вторник ќе биде воиспоставена и директната авионска врска на Охрид со Милано.

Предвидено е летовите на двете линии за време на летната туристичка сезона да се реализират двапати седмично и тоа до 13 септември летовите од охридскиот аеродром до Малме се во понеделник и петок, а од 18 септември во среда и недела, додека летовите за Милано до 30 март ќе бидат во вторник и сабота, а од 1 април во понеделник и петок.

Согласно договорот потпишан меѓу Владата и „Визер“, авиокомпанијата е обврзана од јули да стартува и со реализација на директни летови за Охрид од германските градови Меминген и Дортмунд.