Живот
26. July 2021 - 16:32

Одбележани 58 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

58 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Политичарите одадоа почит на споменикот на жртвите на гробиштата во Бутел. Делегација предводена од премиерот положија венец во чест на настраданите. Пред споменикот се поклонија и градоначалникот на Скопје, претставници на политички партии, Црвен крст, здруженија и странски делегации.

Премиерот Заев на социјалните мрежи напиша дека Скопје во својата долга историја никогаш не ги заборавил жртвите и своите граѓани и затоа и денеска им оддаваат достоен почит.

„Денот на сеќавањето на скопскиот земјотрес е и ден кога им изразуваме благодарност на сите кои со љубов и солидарност учествуваа во споделувањето на болката со преживеаните и што учествуваа во обновата на градот. Скопје стана град на солидарноста, место на кое се обединија пораките и молитвите за поддршка и за споделување на болката, за загубата“, вели Заев.

Порака преку социјалните мрежи упати и претседателот Пендаровски напиша: „58 години по катастрофалниот скопски земјотрес, се сеќаваме на над 1000 наши сограѓани кои го изгубија животот, но и на солидарноста што ја покажа светот кон нас. Да продолжиме да го развиваме Скопје со ентузијазмот со кој беше обновуван од рушевините.“

Скопскиот градоначалник порача „Скопје никогаш нема да ја заборави хуманоста и подадената рака од светот за повторно да се изгради и биде симбол на солидарноста. Скопје се сеќава на жртвите, Скопје се сеќава на хуманоста!“

Утрото на 26 јули 1963г. во 5 часот и 17 минути Скопје го разбуди силен татнеж кој за многумина беше кобен. Под рушевините животот го загубија 1070 жители а над 3000 беа повредени. Повеќе од 200.000 граѓани останаа без својот дом. Земјотресот беше со јачина од 6 степени според Рихтер со епицентар на плоштадот Македонија. Светот беше потресен од веста за катастрофата, на повик на меѓународниот Црвен крст сите земји се мобилизираа за испраќање помош во храна, облека, пари. По овој катастрофален земјотрес Скопје стана симбол на солидарноста.