Македонија
9. March 2020 - 16:57

Одбраната во 27ми април негира - нема докази дека Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски се организатори на 27ми април

Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, со изјави на сведоци и локации од мобилните телефони, ќе докажуваат дека не се организатори на собраниските настани од 27 април.

Тогашниот претседавач со конститувтивната седница во својот воведен говор пред судот рече дека седницата ја водел според собранискиот деловник. Пораките кои ги разменил со тогашниот премиер Груевски, рече дека ги добил од други лица и биле информација од пленарната сала.

„Ќе го докажам фактот дека на 27 април 2017 година, некаде околу 13 часот, пратеникот Зоран Заев зеде збор и го кажа следното: ‘Ќе се носи одлука во оваа сала, во некоја друга сала, во ходникот, на скалите, во амфитеатарот на Правен’. Но, со оглед на тоа дека имаше многу пратеници пријавени за збор, не ни очекував дека ќе дојде до избор претседател на Собранието“, изјави во судницата Вељановски.

Ристовски и Јанакиески го негираа тврдењето на обвинителството за организирање на упадот во собранието и дека наредбите ги давале од партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе докажеме дека никогаш не сум присуствувал на состанок на било кое тело или било кој состав на луѓе каде се дискутирало за изготвување на План да се оневозможи примопредавање на власта, сценарио за влез во Собранието на РМ или на било какви активности што би се загрозил Уставниот поредок на РМ, ниту пак сум спроведувал таков план“, изјави во судницата Јанакиески.

Според адвокатите, наместо докази, обвинителството понудило исказ на Александар Василевски-Нинџа кој е веќе осуден за упад во собранието.

„Сметам дека не е исполнет ниту еден елемент, Се се базира на еден сведок кој мислам дека не би можело едно вакво обвинение со ваква запретена кривичнма одговорност да се базира обвинението“

„Со листингот од телефонските броеви и вештачењето за локациите на кои се наоѓа телефонот на Нинџа во тој момент, ќе докажеме дека во ниту еден момент, локацијата на телефонот на Нинџа и локацијата на телефоните на Спиро Ристовски и Миле Јанакиески не биле на исто место до 22:13 часот“

На следното судење за огранизаторите на крвавиот четврток треба да сведочи техничкиот премиер Оливер Спасовски.