Свет
9. May 2018 - 13:21

Одлуката на Трамп за Иран одекна како политичка бомба: Итно реагираа светските сојузници

- Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од договорот за иранската нуклерана програма го прави светот поопасно место, оценува Дојче Веле, додавајќи дека на тој начин „се фрлени години дипломатија“.

 
Авторот на текстот Матијас Фон Хајн смета дека Европа сега може да ги намали последиците само во соработка со Русија и Кина.
 
- Во пресрет на одлуката на Доналд Трамп имаше само уште шпекулации за тоа колку драстичен ќе биде неговиот пресврт, дали некаде ќе остане отворена вратата за разговор и дали дипломатските иницијативи на Европејците имале некаков ефект, наведува Фон Хајн.
 
Тој тврди дека нема ништо од тоа, затоа што САД излегуваат од договорот и сите санкции кои беа ставени под мраз се враќаат во сила.
 
- Од сите начини да се излезе од договорот овој е најопасен. Светот секако нема да стане побезбеден. Уште за време на говорот на Трамп берзите регистрираа пораст на акциите на фирмите кои продаваат оружје. Индиректните последици се тоа што оваа американско кршење на договорот воопшто нема да го олесни претстојниот Самит на Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, оценува Фон Хајн.
 
Според него, иако Трамп изјави дека договорот не ги имал предвид безбедносните интереси на САД, останува мистерија како излегувањата од договорот ќе им служи на американските интереси.
 
- Договорот воспостави проверки кои спречуваа Иран да развие атомска бомба, со што е спречено нуклеарно вооружување во регионот. Тоа и ништо друго е задача на договорот. Дури ни министерот за надворешни работи на Трамп, Мајк Помпео познат како јастреб кон Техеран, не го доведува во прашање тоа дали Иран ги исполнува своите обврски, пишува Фон Хајн.
 
Тој оценува дека Трамп во Белата куќа „упорно се опкружува со антиирански јастреби“, наведувајќи дека освен Помпео и новиот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој во 2017 година напиша дека „американската прокламирана цел мора да биде Исламската Револуција од 1979 да заврши пред нејзината 40-та годишница“.
 
-  Застрашувачки е што Болтон имаше централна улога и во предиграта на војната во Ирак во 2003 година. Познати се катастрофалните последици кои во регионот ги предизвика оваа противправна агресија. Познато е и дека како повод за војната се користени лаги, оценува авторот.
 
Според Хајн, во објаснувањата за излегување од договорот со Иран, Трамп се повика исклучиво на настапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху од почетокот на минатата недела. 
 
- А тој настап очигледно беше пропагандно шоу. Стар сомнителен материјал е рециклиран и објавен во ново пакување и нема никакво значење за сегашната состојба со иранската атомска програма. Одлуката на Трамп ги доведува во прашање јасните резултати од 12-ѕе години интензивна дипломатија и не нуди никаква алтернатива. Сега многу ќе зависи од единството на Европејците, од нивната цврстина и волја заедно со партнерите од договорот - Русија и Кина, да му понудат на Иран доволно за да ги почитува одредбите од договорот без разлика на заминувањето на САД, оцени тој.
 
Фон Хајн смета дека се очекува оти зголемениот притисок врз Техеран ќе ги зајакне тамошните тврдокорни политичари и ќе ги потисне умерените сили во дефанзива, со што растат шансите за дополнителна екскалација на состојбата во еден од многуте кризни жаришта како Јемен, Сирија, Либан или Ирак.