Македонија
12. August 2022 - 16:43

Одземен пасошот на Жан Митрев поради опасност од бегство

Поради опасност од бегство на д-р Жан Митрев му е одземен пасошот. По барање на обвинителството судот ја прифати мерката за да се обезбеди неговото присуство во текот на истрагата која се води за него. Жан Митрев беше на распит во обвинителството, по што надлежниот јавен обвинител Гаврил Бубевски нареди истрага против него.

Постои основано сомнение дека сторил кривично дело измама според член 247 од Кривичниот законик.

„Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација.“

Доколку се докаже делото за кое се сомничи на д-р Жан Митрев му прети затворска казна од 1 до 10 години.

Во меѓувреме од клиниката „Жан Митрев“ испратија соопштение во кое не го коментираа денешниот распит, туку наведоа податоци за успешноста од третманот на пациенти со методот на хемофилтрација. Во соопштението тврдат дека овој начин на лекување бил успешен кај 74,56 проценти од пациентите што според нив е стапка многу повисока од националниот просек.

Според деталните болнички извештаи во „Жан Митрев“ клиника биле хоспитализирани вкупно 1738 третирани пациенти, од кои 1296 преживеале. Во вкупниот број пациенти хоспитализирани во клиниката спаѓаат и пациенти дојдени од други здравствени установи. Според овие извештаи „процентот на успех“ кај хоспитализирани пациенти исклучиво третирани и лекувани во „Жан Митрев“ клиниката е сличен на просекот направен во 200 германски болници, каде просечното преживување изнесува 78%.

Случајот го обеледенија новинарите од ИРЛ во чиј документарец роднини на починати од КОВИД 19 сведочеа третманот на пациентите во приватната болница „Жан Митрев“. Според сторијата, за сето ова биле плаќани огромни суми а ИРЛ посочи на спорни моменти во врска со употребата на овој метод на лекување. Според сторијата хемофилтрацијата била причина за повеќе интерхоспитални инфекции што предизвикале дополнителни проблеми кај болните. По наредба на Владата, Министерството за здравство формираше посебна комисија која ќе испитува повеќе од 500 досиеја на пациенти од оваа приватна клиника.