Свет
16. February 2021 - 20:43

Околу 4.000 работници на „Амазон“ во Велика Британија добиле неточни резултати од тестирања за Ковид-19

Речиси 4.000 вработени во компанијата „Амазон“ во Велика Британија, поради нечија грешка, добиле неточни резултати од тестот за Ковид-19.

Приватните резултати од тестовите, споделени со Националната здравствена служба (НХС) во Велика Британија, на 13 февруари дадоа 3.853 неточни резултати, потврди владата, објави Би-Би-Си.

На вработените прво им било кажано дека имаат негативен резултат на Ковид-19, а потоа добиле сосема поинаква порака, додава Би-Би-Си.

Кол центарот на услугата „Тестирај и пронајди“ во НХС примил повеќе од 500 повици од вработените во оваа компанија.

„Амазон“ соопшти дека ги испочитувал упатствата за НХС, дека вработените се запознати со грешката и дека „ги поддржуваат да преземат соодветни чекори“.

Министерството за здравство и социјална помош соопшти дека на сите вработени на кои по грешка им било наредено да се изолираат за кратко време им било кажано дека не треба да го прават тоа.

Во пишаната порака, видена од Би-Би-Си, еден работник во магацин изјавил дека во петокот  им било кажано дека се негативни на тестот, а ден подоцна дека се позитивни и дека мора да се изолираат.

Следната порака што ја добиле била дека станува збор за „системска грешка“.

Работник од кол центарот во Националниот јавен сервис изјавил дека во саботата добиле повеќе од 500 повици од вработените во „Амазон“.

-Не само што влијаеше врз персоналот, туку и врз нивните семејства и цели домаќинства. Партнерите и децата на вработените во „Амазон“, исто така, мораа да се изолираат, предизвикувајќи некои од нив да изгубат приход, изјави вработен во кол центарот, кој сакаше да остане анонимен.