Балкан
24. November 2015 - 17:46

Околу 860.000 мигранти пристигнале годинава во Европа преку Медитеранот

Од почетокот на годинава во Европа преку Средоземното Море пристигнале 858.805 мигранти и бегалци, соопшти денеска Меѓународната организација за миграции (ИОМ).

Најмногу мигранти и бегалци, 712.159, влегле во Грција, а во Италија нивниот број изнесува 142.695. Повеќето од пристигнатите во Грција се Сиријци (над 388.000), Авганистанци (повеќе од 142.000), Ирачани (над 44.000) и Иранци (повеќе од 10 илјади).

Во Италија најголеми се групите од Еритрејци (околу 38.000), Нигеријци (околу 20.000), Сомајлици (над 11.000), Суданци (околу 9.000) и Сиријци (над 7.000).

Според портпаролот на Организацијата, Џоел Милман во текот на изминатиот викенд има драстично намалување на бројот на имигранти, кои влегле во Грција.

Меѓународната организација за миграции наведува дека од почетокот на годинава 3.548 лица загинале во водите на Средоземното Море при обид да пристигнат во Европа.