Македонија
24. јуни 2019 - 16:33

Опасност на автопатиштата се и продавачите од тезги и купувачите кои застануваат со возила

Брзото возење и небезбедно сопирање возила пред 3 дена зеде два животи на скопската обиколница. Загинаа полициски службеник и патник додека полициската патрола вршеше редовна радарска контрола. Несреќата се случи откако камион со преголема брзина удри директно во автомобилот кој беше стопиран по што се случи експлозија. Но сообраќајните патроли на автопатот не се единствената причина поради која можат да настане несреќа. Безбедноста ја загрозуваат и дивите продавачи на автопатиштата но и возачите кои застануваат за да купат.  По денешната обиколка на автопатот Скопје Тетово забележавме тезги со овошје. Тие продаваат под чадори за сонце оддалечени стотина метри едни од други и тоа на коловозната лента.

Оваа слика е секојдневие на македонските автопати. Ниту возачите не внимаваат како застануваат и како се приклучуваат повторно во сообраќајот па тоа претставува проблем за останатите учесници.  Безбедноста дополнително ја загрозуваат продавачите кога претрчуваат за да преминат од спротивната страна. Кај дел од тезгите наидовме на продавачи а другите пак беа без сопственик.

 Тие тврдат дека немаат друг избор бидејќи зелени пазари нема во нивната околина. Ова велат е единствениот извор за нивна егзистенција. Дел од нив најавија дека ќе го напуштат автопатот бидејќи заработиле казна.

На враќање забележавме полициски патроли кои ни потврдија дека се овде за да ги отстранат продавачите. Само минатата недела  полицијата казнила 27 продавачи .

Од МВР тврдат дека засилените контроли последните 2 години го намалиле процентот на сообраќајни несреќи и жртви во сообраќајот. Дополнително за поголема безбедност од  МВР велат дека веќе неколку месеци  работат на законски  измени со кои полициската патрола на автопатиштата ќе биде заменета со видео камери.