Македонија
30. October 2017 - 16:35

Опозицијата бара предвремени парламентарни избори, власта ги одби барањата

Без приговори до ДИК и со прифатени градоначалнички и советнички мандати  и покрај непризнавањето на резултатите од локалните избори.  Во ВМРО-ДПМНЕ одлучиле дека неприфаќањето на освоената локална власт ќе биде само од полза на Зоран Заев и СДСМ.  Синоќа лидерот на опозициската партија Никола Груевски објави дека изборите не ги признава за фер и демократски и испорача седум барања до власта меѓу кои и предвремни избори по прженски модел.

- Сакам да објавам, дека заради изборно насилство и силување на демократијата и силување на државата, заради констатирани, евидентирани и документирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор што се вршеше во овие пет недели, заради нечовечките закани, бруталните притисоци, масовниот поткуп, заради кривичните дела кои ги направија во изборите, и согласно одлуката на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека доколку изборите се одржеа во минимум фер и демократска атмосфера резултатите ќе беа поинакви.

- Не постои причина зошто градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ кои победија и во вакви услови би ги враќале мандатите бидејќи на тој начин само би му се помогнало на Заев и СДСМ во узурпација на нивниот план за обезбедување на целосната власт и моќ за да може полесно да тргуваат со националните интереси, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму не откриваат дали двата нивни члена во ДИК Силвана Бонева и Сашко Срцев ќе останат во изборнот тело, имајќи пред вид дека Груевски имаше забелешки и на работата на ДИК, а побара смена и на Чичаковски. Велат дека највертојатно приговори за вториот круг ќе нема бидејќи не е разумно да очекуваат тие да бидат прифатени кога мнозинството во ова тело го има СДСМ.  Иако ова не е целата стратегија, неофицијално од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не треба да се очекуваат радиклани чекори.

И Алијансата на Албанците ќе си ја задржи освоената локална власт со три градоначалници и покрај тоа што нивниот лидер Зијадин Села синоќа исто така кажа дека резултатите се неприфатливи и дека се работи за украдени избори. Арбер Таравари уште денеска објави кои се неговите први чекори како градоначалник во Гостивар, додека неговиот противкандидат од ДУИ Невзат Бејта најави дека се повлекува од политиката.

Села засега останува во владата на Заев и покрај несогласувањата со ДУИ и СДСМ, но се најавува дека за изборните неправилности ќе зборува лично со Заев.