Македонија
12. April 2017 - 11:23

Општина Центар ги избра најдобрите бизнис планови за млади претприемачи

Шест проекти – бизнис планови од млади претприемачи кои конкурираа во рамките на проектот на општина Центар, „Месец на претприемништво“, се наградени од општината со парични награди во висина од 25.000 денари поединечно, соопштија денеска од општина Центар.

Комисијата која ги оценуваше проектите смета дека бизнис планот “Рециклирај и добиј бонус“ може да биде вклучен во идните планови на општината, како проект со најсилна компонента на општествена одговорност за намалување на загаденоста на животната средина.

Целта на проектот е да се рециклира искористеното масло за јадење од домаќинствата, преку поставување на машини за собирање на употребеното масло во два супермаркети во општина Центар. Граѓаните кои ќе го донесат маслото, ќе добијат награда во вид на парични средства, а истото ќе се продава на компании што произведуваат гориво, што е направено исклучиво од употребено масло или биодизел.

Овој проект е активност на Советот на млади на општина Центар и Канцеларијата за млади на општина Центар.

Претходно, беше одржана обука за младите претприемачи, на кој учесниците беа запознаени со основите за претприемништво, основање и водење на бизнис и успешни приказни на глобално и локално ниво.