Македонија
1. April 2020 - 11:11

Општина Центар со заштеда од 10.000.000,00 денари за електрична енергија

Општина Центар согласно Законот за енергетика и Законот за јавни набавки, објави оглас за јавна набавка на електрична енергија преку Електронскиот систем за јавни набавки, во форма на групна набавка на електрична енергија за потребите на општината. Во групната набавка спаѓа потрошувачката на електрична енергија на уличното осветлување во надлежност на општината, основните училишта, детските градинки и ЈП Паркинзи на Општина Центар – Скопје.

– Ваквата стратешки спроведена постапка за набавка на електрична енергија за потребите на повеќе институции во надлежност на Општината, ќе придонесе заштеда на финансиски средства од околу 10.000.000,00 денари на годишно ниво и тоа средства само на општината, без притоа тука да се пресметани заштедите на училиштата, градинките и јавното претпријатие, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Имено, појаснија од Општината, по одржаната електронска аукција во која учествуваа шест понудувачи, основните училишта, детските градинки и ЈП ПОЦ во Општина Центар, ќе набавуваат електричната енергија по цена од 3.754,00 денари за мегаватчас односно 3,75 денари за киловатчас во висока тарифа (ВТ), односно за околу 25 отсто поефтина цена од досегашната.

Дополнително, во ниска тарифа (НТ) електричната енергија ќе се набавува по цена од 2.469,00 денари за мегаватчас, односно 2,46 денари за киловатчас, односно за повеќе од 50 отсто поевтина цена од досегашната.

– Со ова покажуваме дека максимално работиме во интерес на граѓаните. Работиме домаќински и штедливо, а овие финансиски заштеди повторно ќе ги намениме за граѓаните на Центар, овозможувајќи им ги најдобрите услови за живот и престој во Општина Центар, изјави Богдановиќ.

Од Општина Центарсоопштија дека во согласност со одредбите од Законот за енергетика, секој потрошувач на електрична енергија може по сопствен избор да избере свој снабдувач на електрична енергија во согласност со условите од законот и Правилата за снабдување со електрична енергија на отворениот пазар на електрична енергија.