Османи оптимист, Димитров резервиран за добивање датум
Македонија добива безусловна препорака за старт на преговорите со Европската унија. Позитивната вест од Брисел вицепремиерот за европски прашања Османи ја добил доцна синоќа, по средбата на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ.
На состанокот меѓудругото било разговарано и за проширувањето, а заедничкиот заклучок од сите бил дека Македонија на 24-ти март, на средбата на шефовите на европските дипломатии, треба да добие зелено светло за старт на преговорите.
По ова, рече Османи, нема никакви пречки за закажување на датум за одржување на првата меѓувладина конференција, која се смета за официјален почеток на преговорите со ЕУ.
Со помала еуфорија синоќешната одлука ја коментираше и шефот на Македонската дипломатија. Работата се уште не е завршена, внимателен е Димитров, дополнувајќи дека нова пречка за позитивна одлука може да биде здравствената криза во Европа.
На виртуелната прес конференција во македонското МНР со германскиот министер Рот, тема беше токму последната ситуација со коронавирусот во Европа и солидарноста меѓу земјите членки.
Новиот статус на Македонија – земја преговарач со ЕУ, ќе ни овозможи право на вклучување во европскиот солидарен фонд, преку кој ќе аплицираме и ќе бараме средства пред се за новонастанатата криза со коронавирусот. Фондот е наменет за покривање на потребите на земјите членки од кој досега се искористени околу пет милијарди евра за разни природни катастрофи и несреќи.
“Испратено е и писмо од Владата до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, со кое бараме најавената награда за успешност од 50 милиони евра за државата првично наменета за инфраструктура и животна средина, дел или целосно да се пренаменат за менаџирање на пандемијата на Ковид 19.”
Османи дополни дека од ЕУ ќе се бараат и пари за помош на претпријатијата погодени од епидемијата. Ќе се аплицира за брзи и краткорочни заеми, кои ќе треба да помогнат во надминување на проблемите со ликвидноста на малите и средни претпријатија
Помош доаѓа и од Норвешка, посочи Османи, која одобрила 3,2 милиони евра за Македонија, Србија и за Црна Гора за набавка на медицински материјали и препарати.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар