Фудбал
21. November 2018 - 15:54

Оставки на тренерскиот тандем во селекцијата на Р.Ирска

Фудбалската репрезентација на Република Ирска остана без стручен штаб. Во средата оставка најпрвин поднел селекторот Мартин О’Нил, а потоа и неговиот прв помошник Рој Кин.

Според информациите од Даблин, О’Нил и Кин со челниците на Сојузот договориле спогодбен раскин на договорот.

Тие ја напуштија репрезентацијата по неуспехот во Б-дивизијата, во Лигата на Нации. Република Ирска во конкуренција на Данска и Велс заврши како последна во групата и во наредното издание на Лигата на Нации ќе се натпреварува во Ц-дивизијата.

Мартин О’Нил кормилото на репрезентацијата го напушта по точно пет години. Ирска под негово водство, во 2018 година, победила на само еден од деветте натпревари.

Најголемиот успех со репрезентацијата О’Нил го постигна во 2016 година кога играше на Европското првенство во Франција.