Свет
3. May 2017 - 18:50

Озборн како новинар против Тереза Меј која на ЕУ и се закани дека е „лоша жена“

Поранешниот британски министер за финансии Џорџ Озборн, кој ја напушти политиката за да стане новинар-уредник во лондонски „Ивнинг Стандард“ во своето прво појавување во редакцијата, објави текст против премиерот Тереза Меј, која веднаш откако беше поставена на таа функција, во јули минатата година , го смени од функцијата.

Во текстот -анализа на работењето на Меј откако е во Даунинг стрит 10, остро се критикува нејзиното „неснаоѓање“ со Брегзит и посебно начинот на кој таа се справува со состојбите и работите околу излегувањето на Британија од ЕУ.

Не се знае колку во текстот под кој е потпишан новинар на редакцијата, учествувал Озборн, но во првиот ден како уредник тој дозволи да се објави напис во кој на Меј, која е во екот на предизборната кампања за предвремените парламентарни избори, и се порачува дека „нема мандат“ да се однесува кон Брегзит, онака како само таа мисли дека е исправно.

- Дури и победата на изборите од 8 јуни, нема да и даде мандат на Меј да се повлече од преговорите со ЕУ, освен ако не ги образложи јасно и прецизно своите намери, пишува „Ивнинг Стандард„ потсетувајќи ја дека таа нема „бланко чек“ за да прави што сака, зашто ако така мисли, тогаш мора да биде свесна дека тоа, подоцна, ќе ја „удри по главата“.

Текстот се појавува истиот ден кога беше обелоденето дека таа на една од своте предизборни средби низ Британија, им се заканала на ЕУ и на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер дека ќе видат „колку лоша жена“ таа може да биде.

Заканата ја пренесуваат сите лондонски медиуми, за која велат дека само покажува колку тврди ќе бидат преговорите за Брегзит, но и нејзнината намера да им се додвори на гласачите „брегзитери„ прикажувајќи се како „силна Британка“ која нема да дозволи „некој да и поставува услови на Британија„.

Пред три денови, висок функционер на конзервативците изјави дека „треба да се смири сегашната остра реторика“ со Брисел и дека расправиите, како и непостигнувањето договор околу Брегзит, никому не му користи.

Весникот на Озборн реагира на навестувањата од десницата во партијата, што Меј честопати ја застапува, за тоа дека ако треба Британија ќе излезе од Унијата и без договор за раздружување, што според „Ивнинг Стандард„ е сосема погрешна политика која многу ќе и наштети, пред се, на Британија.

Џорџ Озборн беше шест години министер за финансии, во владата на Дејвид Камерон, кога Меј беше министер за внатрешни работи. Во кампањата за референдумот за ЕУ, Озборн, како и Камерон и Меј беше за останување на Британија во Унијата.

Но по оставката на Камерон и именувањето на Меј за премиер, таа стана силен бранител на „вољата на народот„ на референдумот , а Озборн кој ја прифати „одлуката“ веднаш сугерираше земјата да остане на заедничкиот пазар на Унијата и да се бара договор со Брисел, што е различно од тврдата позиција на Меј и на водечките „брегзитери“.

Минатиот месец тој поднесе оставка на пратеничката функција, но објави дека останува верен на конзервативците и дека повлекувањето од политиката е само привремено.

Со договорот со редакцијата на весникот, е предвидено дека во следните две години Озборн не смее да влегува во полемики или критики за политиката и состојбите од времето кога бил министер, нуту во било кој облик, да се пресметува со своите некогашни колеги. Медиумите во Лондон, проценуваат дека Озборн во својот прв настап како новинар- уредник само и се „одмаздил на Меј“.