Фудбал
20. November 2021 - 16:12

Пандев на крајот на оваа сезона заминува во фудбалска пензија

Рекордерот според настапи и постигнати голови во дресот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев потврди дека ова е последната сезона во која го носи дресот на прволигашот Џенова и во јули ќе стави крај на својата клупска кариера.

Пандев во интервју за весникот „Кориере дело Спорт“ најави дека по заминувањето во фудбалска пензија ќе остане вклучен во фудбалот, но нема намера да почнува тренерска кариера.

– Дефинитивно ова е мојата последна сезона. Што се однесува до мојата иднина не се гледам себе си како тренер, можеби како менаџер или нешто слично, изјави Пандев.

Џенова утре со новиот тренер Андриј Шевченко ја пречекува Рома предводена од поранешниот тренер на Пандев во Интер, Жозе Мурињо, а поранешниот македонски репрезентативец со комплименти зборуваше и за обајцата.

-Доаѓањето на Шевченко во Џенова е голема работа за нашиот клуб. „Шева“ е амбициозен тренер, со победнички менталитет и несомнено од него многу се очекува. Што се однесува до Мурињо, за него имам само пофални зборови. Тој е човекот кој ги промени моите фудбалски погледи, изјави Пандев.