Фудбал

Пандев сака да остане во фудбалот и да работи како спортски директор или како менаџер

Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев во интервју за италијанскиот весник „Газета дело спорт“ изрази желба да остане да работи во фудбалот, како спортски директор или како менаџер.

Тој не се гледа во улога на тренер: „Сакам да работам со деца, да им помагам, да ги советувам, да им пренесам дел од моето искуство“.

Пандев им се заблагодари на сите навивачи, претседатели, тренери со кои соработувал во неговата богата кариера.
– Сите тие ми дадоа нешто и јас тоа нема никогаш да го заборавам.

Струмичанецот кој од рана возраст почна интернационална кариера во Италија, и со исклучок на само една сезона, остана таму до крај, сака во следниот период да се посвети повеќе на семејството.

– Мојот најстар син има скоро 13 години и во текот на неговиот живот често го гледав само во периодот на пауза помеѓу едно првенство и друго. Сега сакам да уживам во семејството.

Горан Пандев од Беласица на 18-годишна возраст замина во Интер. Играше уште за: Специја, Анкона, Лацио, Наполи, Галатасарај, Џенова и Парма.

За македонската репрезентација има 122 настапа и 38 постигнати голови.