Македонија
29. January 2017 - 17:22

Парична помош и сместување за Костадин

Молбите за помош на семејството Костовски допреа до надлежните институции. Неподвижниот 62 годишен Костадин  утре ќе биде сместен во Геронтолошкиот завод. Ова денеска го изјави министерот за труд и социјала Ибрахим Ибраими по посетата на семејството во нивната трошна кукичка во скопско Ѓорче.

За Костадин кој имал 4 мозочни удари, а на почетокот на годината го  скршил и колкот се грижи неговиот 22 годишниот син Дејан. Поради постојаните обврски околу тешко болниот татко Дејан неможе ниту да најде работа.  Животот на ова скромно семејство минатата година станал уште потешок по пожарот кој им го уништил кровот на домот и покуќнината.

Мајката на Дејан починала пред 3 години, а неговиот татко доживеал мозочен удар дента кога добил отказ од работа. И покрај маките младото момче сепак е оптимист и се надева на подобро утре.