Балкан
11. February 2020 - 21:06

Пецас: Правиме сѐ што можеме за да ги обесхрабриме мигрантските и бегалските бранови

Целта на грчката влада, според Стелиос Пецас, е до летото да бидат изградени затворените контролирани центри, а во комбинација со останатите мерки како што се чување на границите, зголемен број враќања мигранти во Турција и забрзување на процедурата за азил, да се обесхрабрат сите оние кои планираат нелегално да пристигнат во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека прават сѐ што можат за да ги обесхрабрат новите бегалски бранови, а една од мерките е и изградбата на затворените центри.

Објасни дека престојот на лицата во нив ќе биде околу 2-3 месеци, додека пак за постоечките бегалски кампови рече дека ќе се затворат целосно, откако ќе се отворат новите.

-Нашата цел е, навистина, овие луѓе да не остануваат таму голем временски период, туку брзо да се завршува процесот. Од два до три месеци. И јасно е дека штом новиот систем фати темпо, односно штом се изградат затворените центри и се фати темпо меѓу разгледувањата на барањата за азил, враќањата и чувањето на границите, јасно е дека ќе имаме затворање на денешни анархични отворени центри, објасни Пецас

Во однос на негативните реакции од локалните власти на островите за изградбата на затворените центри, Пецас рече дека дијалогот е карактеристика на целиот владин план, но истакна дека „дијалогот не може да биде алиби за неактивноста“.

За четврток беше закажана средба на министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис, со градоначалниците и префектот на островите од северниот дел на Егејското море, меѓутоа утрово беше откажана, за што Пецас повтори дека владата е отворена за дијалог со нив, бидејќи како што рече, тие средби не се однесуваат само на затворените центри, туку и на низа други теми што го засегаат локалното население.

-Потсетувам дека на нашата последна средба пред околу две седмици, рековме дека се согласуваме за седум точки и имаме некои несогласувања за две. Една од нив беше и тоа дека локалните власти сметаат дека треба да се затворат денешните отворени анархични центри, а да не се изградат затворени центри, но ние одиме напред. Тоа не е реално и оставаме да оценат Грците, рече Пецас.