Македонија
11. November 2019 - 22:11

Перформанс „Сите бои на џезот” се одржа во Крива Паланка

Во Крива Паланка вечерва се одржа уметничкиот перформанс насловен „Сите бои на џезот”.

Настанот е во организација на Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во рамки на програмата „Нов културен бран 2019“ поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

– Станува збор за веќе препознатлив проект, спој на музика, џез, и уметност, ликовно творештво. Досега се одржани повеќе вакви мултимедијални настани во Крива Паланка, Кратово и Куманово. Годинава ова е прв перформанс, кој опфати концерт на „Марија џез трио“ и уметнички перформанс на двајца врвни ликовни уметници: Димитар Стојчевски, академски сликар и Нела Јанковска, академски скулптор, кои создадоа прекрасна атмосфера која ги воодушеви присутните, изјави Жаклина Цветковска од  „КААРТС“, Центар за аудиовизуелни уметности – Крива Паланка.

По настанот во Крива Паланка, предвидено е вакви мултимедијални содржини да бидат презентирани и во останатите општини од регионот.