Свет
24. February 2020 - 11:55

Песочна бура на Канарските Острови, нарушен авионскиот сообраќај

Голема песочна бура од Сахара ги погоди шпанските Канарски Острови, поради што е нарушен авионскиот сообраќај на таа популарна туристичка дестинација.

Шпанскиот оператор на аеродромот „Аена“ вчера, поради слаба видливост, ги откажа или ги пренасочи сите летови за и од Канарските Острови.

Во текот на ноќта сообраќајот е нормализиран на сите аеродроми, освен во јужниот дел на Тенерифе.

Ветерот беше пречка и за траектниот сообраќај, јави Би-би-си.

Регионалната Влада во саботата прогласи вонредна состојба, а на жителите им беше советувано да останат во домовите, да затворат прозорци и да избегнуваат патувања.

Шпанската национална метеоролошка служба соопшти дека ветер со јачина од 120 километри на час на Канарските Острови може да се очекува и денеска.