Балкан
24. March 2021 - 12:05

Пленковиќ, Јандроковиќ и Берош јавно се вакцинираа со „АстраЗенака“

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ, и министерот за здравство, Вили Берош, утринава во седиштето на владата во Загреб  беа јавно вакцинирани со вакцината на „АстраЗенака“.

-Мислам дека беше испратена силна порака до медицинската наука и професијата, особено затоа што бевме вакцинирани со „АстраЗенека“, изјави Берош пред новинарите по вакцинацијата.

Тој изрази верување дека со вакцинирањето тие, исто така, ги охрабруваат граѓаните „да ги следат по патот на сузбивање на епидемијата и враќање во нормалниот живот“.

-Секој вакциниран поединец придонесува во заштитата на населението и е чекор поблиску до старата нормала, но и чекор поблизу до успешна туристичка сезона, истакна министерот.

Берош, Пленковиќ и Јандроковиќ го преболеа Ковид-19, па затоа не се вакцинираа во јануари, кога тоа го направија пред камерите хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, министрите и пратениците.

Хрватската јавност од неодамна постојано го покренува прашањето за вакцинирање на државните службеници со „АстраЗенека“, со цел тие со својот пример да им покажат на граѓаните дека вакцината е безбедна.

Хрватските медиуми пишуваат дека некои граѓани се откажуваат од вакцинацијата со „АстраЗенека“ од страв дека вакцината не е доволно безбедна.

Хрватска не ја запре вакцинацијата со оваа вакцина, иако дел од земјите-членки на ЕУ  привремено ја прекинаа вакцинацијата се до минатиот четврток, кога Европската агенција за лекови (ЕМА) процени дека станува збор за безбедна и ефикасна вакцина.