Македонија
25. April 2020 - 14:22

По најавите за намалување на мерките за заштита граѓаните бараат начин за заминување на одмор

Се уште постои голем интерес за летување кај битолчани, особено кај оние кои веќе уплатиле аранжман за летово, велат туристичките работници. Причината за тоа најверојатно е олабавувањете на мерките во повеќето држави, но и информациите за намалувањето на бројот на заболени од Ковид 19.

-Во последните неколку денови се случува да добиваме прашања кога ќе започне летната сезона, дали ќе има летна сезона, кога ќе може да добијат точна информација за ако летната сезона се одвива нормално за да можат да резервираат. Така што интересот за патување повеќе се враќа кај луѓето, со олабавувањето на мерките, со намалување на бројот на случаи на светско ниво интересот полека се враќа. Се надеваме дека сите фактори кои влијаат на пандемијата, сите мерки преземени, временските услови, ќе придонесе за стабилизација на ситуиацијата и дека ќе имаме можност да поуживаме малку во летната сезона која ни претстои, изјави Маја Минчевска, туристички работник.

Минчевска вели дека околу 30-40% од клиентите веќе најавиле откажување на летните аранжмани, кои претежно се однесуваат за крајот на мај и почетокот на јуни. Покрај осмомартовските, годинава се откажаа и велигденските и првомајските аранжмани кои се актуелни во овој период од годината.

-Во изминатиот период немавме многу резервации иако работевме од дома. Работата се сведува на давање информации што ќе се случува со веќе уплатените аранжани. Веќе втор месец немаме никакви приходи бидејќи немаме никаква продажба и резервации за нови аранжмани. Аплициравме за првиот пакет од Владата, се надеваме на позитивни резултати, се надеваме дека ќе може да го користиме другиот пакет за платите за април и мај, изјави Минчевска.

За пропаднатите аранжмани, на клиентите ќе им се издаваат ваучери кои ќе важат до крајот на 2021 година.