Loading Video...
Македонија
1. April 2021 - 16:51

Победата на Македонија го изненади светот, фудбалерите го постигнаа незамисливото

Гол за светска еуфорија. Гол за историја и за влез во исклучително реткото друштво на фудбалски херои. Дуисбург - градот од крајниот германски запад, ќе остане засекогаш во позитивно сеќавање за сите граѓани на Македонија.

Празната „Шаусленд Рајсен Арена” беше сцената, а момците со црвени дресови и сонце на градите – главни актери. Успеаја да го направат речиси незамисливото. Да го совладаат четирикратниот светски шампион, трет пораз за моќната Германија во речиси 90 години играње квалификации за светско првенство.

Повеќе од доволна причина за славје.

Еуфоријата ги понесе и македонските граѓани кои живеат и работат во Дуисбург. Се појавија пред Арената да ги поздрават победниците.

Чудото од Дуисбург не ја остави рамнодушна и светската спортска јавност.

„Вечерва, целиот свет е обоен во црвено жолто”. „Господе боже! Германија изгуби од Македонија”. Признание за големиот резултат стигна и од светските спорски редакции и фудбалски легенди.

Бум и во регионот. „Фудбалот е игра во која секогаш победуваат Германците – освен кога играат со Македонија”. „Чудесни Македонци”, „сензација”, „шок од светски размери”. Спортските новинари бараа епитети да ја опишат вчерашната победа на Македонија, коментирајќи дека фудбалската репрезентација го менува балканскиот менталитет.

Изненадување е големо во светот, но во победата над моќниот противник верувале поголем број на домашни навивачи, кои на социјалните мрежи ги споделија добитните ливчиња од обложувалниците.  

Успехот не пропуштија да го поздрават и домашните политичари.

Национална гордост! Со срце за победа. Браво, напиша претседателот Пендаровски.

Вечерва цела Европа виде дека македонскиот фудбал е европски и светски! Честитки за нашите борци кои ни носат нови победи и нови подвизи. Имаме победа над селекцијата на Германија на квалификациите за Светското првенство во Катар. Во овие тешки времиња, моментите на радост и гордост што македонските репрезентативци ни ги носат, се потребни и добредојдени во секој дом, честиташе премиерот Заев, додека, пак, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски на ФБ пишува:

Вечерва македонските срца чукаа со нашите фудбалски херои. Оваа грутка земја раѓала и ќе раѓа херои за победи. Покажавте што е пркос и се изборивте за нашата гордост. Црвено жолтата татни. Македонија се сака со дела, со борба, со пркос и верба. За кого, ако не за нашето сѐ, Македонија!!! Поклон до земја шампиони!