Македонија
24. October 2020 - 16:38

Почина Амди Бајрам

Почина Амди Бајрам. 64 годишниот поранешен пратеник имал проблеми со срцето. Тој рано утрово итно бил префрлен во една приватна клиника но извори од таму тврдат дека кога пристигнал веќе бил починат па лекарите само констатирале смрт. Дали бил позитивен на КОВИД дополнително ќе се утврдува.
Амди Бајрам ќе остане запаметен како вистинска легенда на македонската политичка сцена на која како пратеник се задржа безмалку две децении. Иако имаше завршено само средно образование успеа дури 7 пати да ја добие довербата на граѓаните и да биде нивни пратеник во македонското Собрание.
Се водеше од девизата, јас сум секогаш со власта.

И беше доследен на својата девиза. Во својата долга политичка кариера беше во коалиција со буквално сите лидери. Почна во 94тата во коалицијата на Црвенковски. Во 98та го поддржа Љубчо Георгиевски а две години подоцна му ја спаси и владата кога не ја поддржа интерпелацијата на СДСМ постигнувајќи го познатиот гол со пета во мрежата на Црвенковски. Во 2004 доби обвинение за кражба на платно од фабрика во Штип. Додека ја чекаше правосилноста на пресудата победи на локалните избори во 2005тата и стана градоначалник на Шуто Оризари но во кабинетот се задржа само еден месец бидејќи мораше да оди во затвор. На слобода излезе по нешто повеќе од 3 години во 2008 кога почна неговата соработка со Груевски.

По изборите во 2016та првично најави дека ќе остане во опозиција но кратко потоа ја напушти коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и најави соработка со Заев.  За себе не гледаше место на Титаник.

Себе си се сметаше за бренд, а во јавноста ќе се памети неговата легендарна изјава.

Ретко беше во конфликт со медиумите. Иако имаше и такви ситуации, новинарите ќе го паметат како ведар лик, брутално искрен и секогаш подготвен да застане пред камерите. Последен пат медиумите го видоа на свадбата на неговата внука. Во екот на пандемијата семејството Бајрам реши да наполни неколку авиони и заедно со сите гости прославата да ја направат на Босфорот во Турција. Некрунисаниот ромски крал во Македонија во последните неколку години имаше сериозни здравствени проблеми на кои до последниот ден не им дозволи да му застанат на патот на неговиот принцип дека животот се живее до последниот ден.