Почина бебе на Детска Клиника - Телото е на обдукција, вонреден надзор во понеделник
Тешка респираторна инфекција била фатална за 14 месечното бебе кое утринава почина на Клиниката за детски болести. Со таква дијагноза и во многу тешка состојба, помодрено, со отежнато дишење и засегнати витални функции било препратено од Козле на Детска. Дежурните не успеале да го спасат и смртта настапила неполн час по приемот. Телото веднаш е дадено на обдукција.
- На Детска е примено во тешка состојба, цијанотично, со многу ниска сатурација 40 проценти, декомпензирано. Пристапено кон интубација, за време на интубацијата доаѓа до кардија атест, реанимирано и егзитирало во 04.20 минути , изјави Реџеп Мемеди, в.д. директор на Клиника за детски болести.
И од Клиниката во Козле потврдија дека го примиле бебето вчера, го хоспитализирале на оддел но кога дошло до влошување на состојбата, со Брза Помош е однесено на Детска.
Но семејството на малото девојче се револтирани што и покрај упатите од матичен неколкупати не го хоспитализирале на Детска со образложение дека анализите биле во ред. Чичкото на починатото бебе во изјава за Сител вели дека пред 5 дена имало вирус, матичниот го упатил на клиника но оттаму ги вратиле.
-како да не се сомневам, да иде дете 3-4 пати у детска клиника и да не го примаат како може тоа. И да умре за 2-3 дена. Детето беше фино, немаше ни болка ни ништо. Извештај не даваат. Дали и имаат. Одам сабајле и барам да го дадат извештајот ми треба од приемот на детето, но не зборува никој. И знам дека ќе има проблем со извештајот, вели чичко на починатото бебе.
Дали навистина било враќано бебето неколку пати директорот на клиниката се повика на институциите кои ги известил за немилиот настан.
- За сите дилеми околу потенцијално пропусти итн, релевантните институции ќе преземат соодветни мерки и ќе излезат со заклучоци, вели Мемеди.
Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе прават вонреден надзор во понеделник и во Козле и на Детска.
-Со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговрните лица на здравствените установи како и лекарите кои учествувале во претходно пружање на здравствена заштита, велат од ДСЗИ.
Од Министерството за здравство, пак, ќе иницираат комисија за стручен надзор.
Случајот е пријавен и во МВР бидејќи по дознавање на веста дека детето умрело, таткото искршил дел од инвентарот во установата.
Денеска (05.10.2024) во СВР Скопје е пријавено дека околу 04.50 часот на Детската клиника во Клинички центар „Мајка Тереза“ В.С. (29) од с. Гошинце и неговиот брат Б.С. (35) од с. Гошинце оштетиле инвентар во болницата откако починала едногодишната ќерка на В.С., која, според пријавеното, била донесена со Итна медицинска помош во болницата околу 03.45 часот. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Која е причината за смртта ќе покаже обдукцијата чиј извештај го чека и Обвинителството.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар