Македонија
10. February 2019 - 16:03

Почина и 13-месечно бебе од морбили, за два дена два смртни случаи, на Детска клиника уште еден критичен случај

Тринаесетмесечно дете од Свети Николе почина од компликации од морбили на Клиниката за детски болести.

По шестмесечното бебе од Куманово за два дена ова е втор смртен случај од мали сипаници во Македонија.  Детето починало синоќа, а со морбили било заразено до таткото. Претходно три дена го лекувале на Инфективна.

Починатото тринаесетмесечното машко дете половина година било пациент на Детската клиника. Имало хронично заболување на белите дробови, но без прецизна дијагноза. Испитувања му биле правени и во Белград. Примало кортико терапија која дополнително му го ослабнала имунитетот. Поради таквата состојба неможело да биде вакцинирано.

Од почетокот на епидемијата за месец и половина има над 200 заразени со мали сипаници.

-Во моментот на Детската клиника уште едно 5 месечно бебе се бори за живот. Приклучено е на апарати за дишење, во тешка состојба е префрлено од Клиниката за инфективни болести.

Вчера и денес на Инфективна биле потврдени уште 9 новозаразени. На болничко лекување задржани се две деца од Студеничани и од Радишани, како и повозрасна жена од Кисела Вода. Останатите 6 пациенти, по прегледот пуштени се на домашно лекување.

Од вкупно 11.000 невакцинирани во Скопје, МРП примиле околу 6100 лица, што според лекарите сеуште не е доволно за да се стекне колективен имунитет и да се сузбие епидемијата на морбили.