Македонија
4. April 2020 - 19:47

Починатиот велешанец бил позитивен на корона, семејството обвинува дека не сакале да го примат во болица

78 годишниот велешанец кој почина во средата а не беше примен на инфективното одделение бил заразен со коронавирусот.Центарот за јавно здравје денеска го известил семејството дека починатиот е позитивен на тестот.Роднините велат дека тестирањето било направено по нивно барање, иако велат дека дедото немал контакти со лица заразени со корона. Брис му бел земен во вторникот а попладнето поради влошена состојба со возило на итната помош бил донесен на преглед во инфективното одделение. Внуката на починатиот која не сакаше да се снима, раскажува дека дежурниот лекар се однесувал дрско и по направената епидемиолошка анкета одлучил дека тој не треба да остане на болничко лекување.

„Дедото плукаше крв, беше омалаксан со температура и кашлица.Итната помош првин одбиваше да го земе, а откако го донесе во болница, докторот не сакаше да го прегледа. Ни рече дека нема симптоми на вирусот и не прати дома.. Набрзо му се влоши состојбата, не можеше да дише и почина“, раскажува внуката на починатиот велешанец.

Раководството на велешката болница уверува дека немало пропусти при прегледот. Пациентот немал температура и сам се движел, а лекарот констатирал хроничен бронхит.

„Здравствениот тим од инфективно облечени во скафандери го пречекале пациентот. Направен е преглед, земена е епидемиолошка анкета и е утврдено дека немал конткат со заболен од коронавирус. Од прегледот е утврдено дека освен знаци за хроничен бронхит, друго немало. Докторката дала терапија и му рекла да седи дома додека пристигне резулатот од тестот за корона. Дали требало да биде задржан е одлука на лекарот кој проценил дека со тие знаци може да се лекува дома“, вели директорот на велешката болница, Божидар Бојаџиев.

Според инспекцискиот надзор на државниот санитарен и здравствен инспекторат, пет дена пред прегледот, пацинетот бил со температура и кашлица со секрет и по препорака на матичниот, се лекувал со парацетамол.

„На денот на прегледот, фамилијата забележала кај пациентот розеникав по боја искашлок и побрале да му биде земен брис од епидемиолошката служба и да биде прегледан неколку часови порано од закажаниот термин. Во моментот на преглед, пациентот бил без температура, во стабилна општа состојба со бронхитичен наод и според симптомите, докторот препорачал антибиотик и совет за домашна изолација“ се вели во известувањето на државниот санитарен и здравствен инспекторат.

За случајот се интересирало и обвинителството ама не побарало обдукција за да се утврдат причините за смртта.

Заради позитивниот корона тест на починатиот, во понеделник на тестирање се повикани и неговите роднини.