Македонија
22. November 2021 - 16:33

Почна изградбата на висококатниците кај Холидеј Ин

Паркингот кај Холидеј Ин полека станува минато, почнува изградбата на комплексот Гранд во Ново Маало. По низата реакции на граѓани, институционални превирања просторот денеска е официјално ограден а изградбата ја најави самиот инвеститор. 

Жител од Ново Маало не го криеше задоволството од почетокот на градежните работи, среќни се што конечно по децении ќе добијат  современи услови за живот. 

МГ ФЕШН ДОО соопштува дека ќе обесштетат повеќе од 300 жители на Ново Маало без разлика дали на нивниот имот е предвидена изградба на објекти или јавен простор. 

Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина. Во рамките на ДУП Ц08 предвидена е и јавна површина од вкупно 7.500 метри квадратни или приближно површина колку Плоштад Македонија во центарот на Скопје.

За овој случај по иницијатива на Антикорупциска се уште се води предистрага во Обвинителството за организиран криминал. Покрај прибирање на докази за тоа дали е злоупотребена службената положба од страна на двајца поранешни градоначалници, се проверува и дали е оштетен државниот буџет. Се сослушуваат лица во својство на сведоци, а се чекаат и вештачења од МВР велат од Обвинителството за Сител.

Се работи за обемен материјал и потребно им е време за да се испитаат сите околности за тоа каква одлука ќе донесе обвинителот за понатамошниот тек на постапката.

Со писмена  реакција се јавија од  „Шанса за центар“.

-ОЈО, Владата и општина Центар не преземаат ништо за сопирање на потенцијално нелегалната градба пред Холидеј Ин. Справувањето со урбаниот хаос не е само изборен слоган, ниту садење цвеќиња, туку е вистинска борба! Ги изневеривте граѓаните уште во првиот месец по изборите и очигледно немате намера за бескомпромисна заштита на нашиот простор за живеење.