Македонија
28. January 2020 - 14:55

Почна јавната расправа за законот за ЈО во Собранието

Во Собранието попладнево на седница на Комисијата за политички систем почна јавната расправа за законот за јавно обвинителство.

Министерката за правда Рената Дескоска очекува конструктивна јавна расправа за законот за јавно обвинителство. Таа изјави дека очекува јавната расправа да даде предлози како да се подобри Предлог-законот, а не да се злоупотребува времето за дебата.

– Дебатата треба да се води по законот по она што е содржано како решение и да слушнеме евентуално ако има предлози за подобрување на текстот. Во спротивно, секое било какво поинакво однесување, особено од опозицијата ќе биде протолкувано како опструкција на процесот и одолговлекување, рече Дескоска.

Додаде дека ако има добра волја може да се донесе законот пред распуштањето на Парламентот.

Министерката изрази надеж дека ќе биде обезбедено потребното мнозинство за да биде донесен законот, но и оти очекува опозицијата да постапи разумно.

Апел до опозицијата за отворена, суштинска и плодна дебата за ова законско решение, упати и СДСМ.

-Ова е можност ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да одлучат, дали ќе застанат зад Законот за јавно обвинителство или како и досега ќе застанат зад криминалот. Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, да имаат професионална и објективна завршница, затоа што само така ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем. Политиката мора да остане надвор од изборот на обвинителите за да им се остави простор за независно, стручно и објективно постапување, а тоа ќе се постигне само ако се донесе законот, соопштија од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, им реплицираа дека Зоран Заев и СДСМ сакаат набрзина да донесат закон, кој ќе го амнестира нивниот криминал.

-Заев и СДСМ бегаат од квалитетен закон за јавно обвинителство, затоа што така нема да може некоја Вилма Русковска или Љубомир Јовески да ги сокрива или ослободува од криминали и афери, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија и забележуваат на власта дека со законот сака повторно да го воскресне СЈО и да ги заштити криминалците од своите редови. Тврдат дека се залагаат за закон кој ќе биде неселективен и пред кој ќе можат да одговараат сите граѓани, а не за некој да биде привилегија, а за некој обратното.

На јавната расправа присуствуваат пратеници од сите пратенички групи, министерката за правда Рената Дескоска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, обвинители и професори од Правниот факултет и меѓународни претставници.