Македонија
17. July 2017 - 13:18

Почна расправата по ребалансот на Буџетот во Комисијата за финансирање и буџет

Во Собранието на Република Македонија, во матичната Комисија за финансирање и буџет денеска почна расправата по предложениот Ребаланс на Буџетот за 2017 година.

Пред членовите ребалансот го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски кој рече дека основна цел на предложениот ребаланс е да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата влада.

Вкупните приходи во првите шест месеци се 86,4 милијарди денари што е 46 отсто во однос на планираното, а расходите се 94,6 милијарди денари.

Министерот истакна дека на расходната страна сериозно намалување има кај расходите за стоки и услуги кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција.

- Направени се кратења за службени патувања, репрезентација, економски презентации и рекламирање, рече Тевдовски.

За капиталните расходи истакна дека тие во првата половина сериозно потфрлиле и оти се реализирани 8,7 милијарди денари или 32 проценти од годишно планираното со буџетот.

Со ребалансот, како што рече,  се планирани 23,4 милијарди денари за капитални расходи и поради ниската реализација во првата половина од годината извршено е намалување кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација. Но, сепак, смета, планираното на капитални расходи е значајно ако се спореди со реализацијата во последните четири години каде што никогаш не надминала 19 милијарди денари.

Тој во однос на преземените, а неплатени обврски од претходната власт информира дека до крајот на неделата Министерството за финансии ќе ги објави и оти во моментов се договара проект со Светска банка за „чистење“ на ваквите обврски.

Растот на економијата со ребалансот е ревидиран на 2,2 проценти за годинава, а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,9 проценти од БДП.

Расправата по предложениот ребаланс според Деловникот на Собранието во Комисијата може да трае 10 работни денови.

По излагањето на министерот, Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ побара еден час пауза за разгледување на експозето.