Македонија
18. May 2020 - 16:47

Почна судското рочиште за случајот „Шпански скали“

Обвинетите за непочитување на договорот за изградба на четири објекти меѓу кои и „Шпански скали“, не чуствуваат вина дека ја злоупотребиле службената положба. Денеска почна судењето за овој случај во кој обвинети се 11-мина. Екс министерот за транспорт Јанакиески, вработени во министерството, нотари, државен правобранител, се товарат дека цели осум години го толерирале инвеститорот кој не ги почитувал роковите за градба, и не побарале раскинување на договорите. Според обвинителството, на тој начин државниот буџет бил оштетен за сума од над 2,5 милиони евра. 

„При водењето на постапката, значи секој од тие договори имал точен рок во кој треба да се извади одобрени за градење, да почне градбата и да се заврши изградбата на тие четири објекти. Од првиот договор во 2010 год до денес поминати се 10 години, земјиштата се отуѓени, префрлени се на име на физички и на правни лица. Ниту се изградении, ниту се започнати објектите ниту пак е наплатена договорната казна“,изјави Ивана Трајчева, Јавен обвинител.

За екс министерот Јанакиески, наводните пропусти не се за кривична туку за граѓанска постапка.. Смета дека надминување на роковите за градба никогаш не биле интерес на обвинителството.. Рече дека во овој предмет му се суди за нераскинување додека во случајот „Сончев град“ дека раскинал договор.

„Двајца министри после мене не се обвинети, не е обвинет ниту градоначалникот на Општина Центар, иако обвинението се однесува и на периодот по моето заминување од функцијата во 2015 година. СЈО постапуваше по овој предмет ама не најде основ за поведување истрага“, кажа Јанакиески во судницата.

За одбраната, случајот е политички монтиран.

„Тоа политичко судење може да се види од делот на обвинението кое е паушално и самото по себе нема глаголи, нема дејствија. Дел од обвинетите не знаат и за што се конкретно обвинети“, изјави Тони Менкиновски, адвокат.

Во меѓувреме парцелата на која требаше да се гради објектот Шпански скали, градските власти го преуредија во тревник. Од Општина Центар пак велат дека за парцелите кои се дел од обвинението се водат постапки за раскинување на договорите и враќање на земјиштето  во државна сопственост.