Македонија
8. September 2015 - 8:26

Почнува 23. Интернационален фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“

Со претставата „Каинова лузна“ на театарот од Шабац, Србија, вечер во Струмица ќе почне 23-тиот Интернационален фестивал на камерен театар (ИФКТ) „Ристо Шишков“.

Директорот на Фестивалот Ванчо Патриков соопшти дека годинава за Медалјонот со ликот на Ристо Шишков и парична награда од 1.500 евра ќе се натпреваруваат околу педесетина актери во 12 претстави.

- Фестивалот на актерот годинава ќе трае пет дена во кои љубителите на театарската уметност ќе проследат 12 претстави на театри од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Русија и  Ерменија, а во чест на наградениот актер во сабота ќе ја проследиме претставата „Кирил и Методиј-Кој си ти !?“ во изведба на актерите од НТ „Војдан Чернодримски” од Прилеп, рече Патриков.

Годинашното 23-то издание на ИФКТ „Ристо Шишков“ финансиски е поддржано од НЕТА (Нова европска театарска асоцијација), Советот на Европа за култура и Општина Струмица.