Македонија
28. September 2022 - 16:42

Поднесена нова иницијатива за референдум - ако не помине Левица најавува целосна блокада

Опозициската Левица ја почна процедурата за референдум против францускиот предлог, откако не успеа првата иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат прашањето, нема директно да се однесува на Договорот за добрососедство. Тоа ќе гласи „Дали сте за продолжување на преговорите со Европската унија со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“.

Според Апасиев, ова прашање, кое всушност е слично на референдумското за Преспанскиот договор не дава основа собранискиот спикер Џафери да ја отфрли Иницијативата. Вели дека тој само треба да провери дали Иницијативата е добиена од соодветен предлагач и дали е доставена соодветно до него.

Иако се споменуваат преговорите со Брисел, референдумот не е антиевропски, вели лидерот на Левица.

 „Ако помине референдумот тоа практично би значело дека од ЕУ ќе се очекува нова преговарачка рамка без 'бугарските хегемонистички и ванчомихајловистички барања' кои се инкорпорирани внатре. Тоа значи дека референдумот не е анти-ЕУ, туку бојкотот на референдумот е таков чин, бидејќи демократското изразување на граѓаните не може да биде анти-ЕУ“,

Апасиев очекува поддршка од сите опозициски партии. Од ВМРО-ДПМНЕ при најавата за нова инцијатива рекоа ќе поддржат се’ што ќе значи укинување на бугарските барања. Денеска велат, ќе го чекаат предлогот на Левица во Собранието.

И од владејачката СДСМ велат ќе чекаат Иницијатива во Собранието пред да се изјаснат за нејзе.

Левица, преку лидерот Апасеив во ДИК поднесе барање за собирање на инцијални 100 потписи, со цел Иницијативата да стигне до парламентот и да го помине овој филтер, за потоа да се собираат 150 илјади граѓански потписи. Очекувањата се овие потписи да бидат собрани до крајот на годината, а веќе напролет да се случи и референдумот.