Македонија
5. August 2016 - 12:13

Поднесено обвинение против две лица од случајот „Јагула“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постапувајќи по предметот во јавноста познат како „Јагула“, до Основниот суд Скопје 1- Скопје поднесе обвинителен акт против А.П. за едно продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување и кривично дело примање поткуп“ и против Г.С. како помагач за едно продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Основното јавно обвинителство во соопштението наведува дека во ноември 2014 година, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против 16 лица, меѓу кои за пет државни службеници вработени во Општина Охрид и пет управители на трговски друштва. Осомничените се товареа дека во периодот од 2006 – 2013 година при вршење јавни набавки за потребите на Општина Охрид сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и други кривични дела, со што за други правни лица прибавиле имотна корист од околу 112 милиони денари, а на штета на општината.

Во текот на минатиот месец, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со обвинетите Б.К., С.К, З.Ш., Е.С. и Ј.Л. склучи предлог – спогодби. Обвинетите како помагачи врз основа на предлог – спогодба се правосилно осудени со пресуди за едно продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. За останатите девет лица донесена е наредба за запирање на постапката.