Македонија
27. November 2020 - 11:57

Покачената телесна температура на Спиро Ристовски го одложи судењето за „27 април“

Судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година се одложува за 2 декември, откако според протоколите на обвинетиот Спиро Ристовски не му е дозволен влез во судската зграда поради покачена телесна температура.

Ристовски, присуствуваше на првиот дел од рочиштето, кога сведочеше премиерот Зоран Заев, но по паузата му била измерена повисока температура и не му било дозволено да влезе за  вториот дел, кога требаше да сведочи пратеникот Африм Гаши.

Заев, кој е повикан како сведок на одбраната, на прашање на бранителот на Трајко Вељановски, рече дека бил присутен на продолжението на конатитутивната седница на 27 април 2017 година во Собранието.

На прашање од Судот, што има да додаде во однос на конститутивната седница, Заев рече дека сака да даде свое мислење за случувањата на 27 април.

– Сите верувам дека посакуваат да не се повторат и верувам дека една од гаранциите за тоа се ваквите судски постапки. Како човек жртва на тој настан, сметам дека бев прв таргет на група со цел да одзема животи. Не мислам дека главни осмилувачи и организатори се Миле Јанакиевски, Спире Ристовски, Трајко Вељановски и другите тука, рече Заев.

Прашан дали има сознанија кои се конкретните организатори, Заев рече дека според негови сознанија овие луѓе се изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски.

–  Не мислам дека се осмислувачи и организатори на тој настан и мислам дека се изманипулирани од Никола Груевски, рече Заев.

Ова го кажувам, затоа што сум секој ден во Собранието и знам што се случувало и не верувам дека е коректно вакво тешко дело.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.