Македонија
14. May 2020 - 16:31

Полицијата ја прими пријавата на Крстевска, невладините ја советуваа како да ги оствари своите права

Полицијата го истражува случајот на Маја Крстевска која вчера пред камерата на Сител раскажа за интернет тортурата која ја доживува во последните месеци од поранешниот љубовник. 

Иако повеќе пати се обидела да пријави, дури вчера успеала да поднесе официјална пријава во Полициската станица во Куманово. 

-М.К. (33) од Куманово пријавила дека Е.Ф. од Косово, кој е на привремена работа во СР Германија и со кој таа била во љубовна врска од декември 2017 до август 2019 година и праќал заканувачки пораки на социјалните мрежи Viber, WhatsUpp, Facebook и Instagram во кои пишувал заканувачки содржини по нејзиниот живот, по животот на нејзиниот малолетен син, како и по живото на членови од нејзиното семејство. По целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, кратко велат од МВР.

Неформалните статистики на граѓанските здруженија велат дека во Македонија еднаш во две недели се пријавува нов случај на насилство преку интернет. 

Од Здружението „Интернет хотлајн провајдер“ ја контактирале Маја за да ја насочат како да постапи во иднина. 

-Во разговор со неа забележавме дека е малку психолошки падната. И беше посоветувано денеска да го исконтактира меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Куманово. И беа дадени телефонските броеви. Рече дека ќе контактира со надлежните институции и чекаме информации со што се соочила, какво искуство има и да видиме видиме што понатаму институциите ќе преземат за натамошното постапување, вели Виолета Ѓорѓиева од „Интернет хотлајн провајдер – Македонија“.

Ѓорѓиева вели дека жртвите случаите треба да ги пријават во Центрите за социјални работи, но можат да се обратат и до невладините организации кои ќе ги советуваат и упатат до надлежните институции.