Македонија
25. May 2020 - 16:53

Полицијата ќе ја проверува снимката од орото во Чаир во полициски час

Министерството за внатрешни работи допрво ќе утврдува дали орото во Скопски Чаир навистина се играло вчера за време на полициски час, или видеото е старо. Официјално од министерството велат дека до сега никој не пријавил за настанот.

-Министерството за внатрешни работи превзема мерки за санкционирање на сите лица кои не ги почитуваат одлуките на Владата. До овој момент за конкретниот настан нема пристигнато пријава. Доколку од страна на Секторот за внатрешни работи се утврди дека во конкретната снимка има елементи за прекршување на законот, кон конкретните лица ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, велат од МВР.

Ова следи по бурните реакции во јавноста, поради видеото кое кружи на социјалните мрежи, а на кое се гледа како поголема група на граѓани, без соодветна заштита, играат оро. Според објавеното на социјалните мрежи се работи за прослава по повод Рамазан Бајрам во скопската општина Чаир.

Претходно реисот Сулејман Реџепи по молитвата прогласи победа над коронавирусот, но мистертерот за здравство Венко Филипче не се согласува со реисот. Тој е дециден дека коронавирусот ниту е мртов, ниту е заминат.

-Коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнорираат. Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките.