Македонија
27. January 2020 - 19:46

Полицијата трага по администраторите на „Јавна соба“

Полицијата се уште ги бара креаторите на скандалозната група “Јавна соба” на “Телеграм” во која беа објавувани порнографски содржини од малолетници.. Од МВР велат дека истрагата е во тек, а од социјалната мрежа побарале да се затвори групата која во меѓувреме беше преименувана. Во недостиг на официјални информации медиумите пишуваат дека тинејџер ја создал групата, која сега е надвор од контрола на администраторите. Во меѓувреме јавноста е згрозена од фактот дека експлицитни фотографии од малолетнички биле споделувани и коментирани од 7.000 лица. Експертите за социјални медиуми сметаат дека е неопходно институциите брзо да реагираат за да не дојде до посериозни последици, зошто сериозна бројка на луѓе имале пристап до неовластено дистрибуирани интимни содржини.

-Зборуваме за 7.000 луѓе. На оваа површина да поставиме 7.000 луѓе тие нема да можат да поминат незабележано. И во овој случај институциите ќе мора многу побрзо и ефикасно да реагираат на секаква злоупотреба на нечија приватност, интегритет, особено на малолетниците. Ако навистина се почитуваат слободата и говорот, а се санкционираат сите негативни појави кои со закон се јасно предвидени тогаш може да очекуваме ваквите групи да бидат реткост, изјави Бојан Кордалов, експерт за социјални медиуми.

Според Кордалов после овој случај јавноста мора да биде внимателна и со жртвите чиј идентитет и фотографии биле споделувани во групата.

-Мора многу да внимаваме да не дозволиме жртвите кои биле изложени на оваа мрежа да бидат претворени во обвинети. Заради тоа што постои една тенденција изминативе денови на тоа да морализираме или дебатираме што е исправно, а што не. Не е време јниту место да морализираме. Време е за спроведување на законот и лоцирање на виновниците и одговорните и под два подршка на сите кои биле жртви во овој процес. Не е убаво ова да се случи никому, а особено не на малолетници, додаде Кордалов.

Инаку според законските прописи во земјава казните за производство, набавка и ширење на детска порнографија преку средства за масовна комуникација се од 5 до 8 години затвор.