Македонија
19. January 2021 - 19:55

Поради рестриктивните мерки, Богојавление Водици годинава без положување на крстот во светите води

За првпат по 30-тина години од возобновувањето изострана традиционалното спуштање на крстот во светите води на Вардар.

Наместо тоа, се одржа само централна Златоуста литургија во црквата „Рожденство на пресвета Богородица“ со која богослужеше поглаворот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г-дин, г-дин Стефан.

Иако Богојавление - Водици важи за еден од најмасовните празници, пандемијата си го направи своето, па бројот на верници во црквата беше значително помал од претходните години.

Поглаварот рече дека денешниот празник всушност ги објаснува сите останати празници и ја објаснува целта на Христовото доаѓање на земјата.

-Нашиот Свети Климент Охридски поучува, не по името, туку по делата да сме Христијани. А тоа пред се подразбира нашиот живот да го красат човекољубието и богољубието зашто не можеме да го љубиме Бога, а да ги мразиме луѓето. Како христијански народ, особено ова наше поколение да се запрашаме дали ја исполнуваме најсветата обврска и пред родот и пред бога, рече поглаварот, г-дин, г-дин Стефан.

Поглаварот освети вода во црквата, а потоа свештеници со неа ја осветија реката Вардар. Верниците велат дека и покрај пандемијата, крстот требало да се положи во светите води за да се задржи традицијата. Но, свесни за ризиците што ги носи коронавирусот, велат дека пред се најважна е вербата во Господ.

Верниците генерално ги почитуваа протоколите. Во црквата сите носеа заштитни маски, а одржуваа и дистанца толку-колку што дозволуваше просторот.