Македонија
22. November 2021 - 19:47

Пораст на интересот за имунизација во Струмица

Најавата на новите мерки за заштита од корона вирусот го зголеми интересот за вакцини со прва доза во Струмица. За разлика од претходно кога на неделно ниво се аплицирале по околу 120 дози, последната недела нивниот број се зголемил за 150%. Поместување има и во делот на старосната граница, ако порано на вакциналниот пункт имаше пред повозрасни граѓани, од минатата недела било забележливо присуството и на млади помеѓу 20 и 30 години.

,,Седмицата помеѓу 8 и 13 ноември, односно пред да бидат објавени новите мерки имавме само 120 пациенти на кои што им беше дадена прва доза вакцина, 107 пациенти кои што примија втора доза вакцина и 292 пациенти што примија трета доза вакцина. Споредбено со тоа во седмицата кога беа најавени и стапија во сила новите мерки имаме скоро за 150% покачување на првите дози вакцини или во бројки 294 во споредба со 120 од една седмица претходно, вели Д-р Миле Сапунџиев - Здравствен Дом - Струмица. 

Граѓаните кои денеска беа на пунктот за вакцинација велат дека ги подржуваат новите мерки и апелираат на што помасовна имунизација. 

Од почетокот на имунизација во струмичкиот здравствен дом биле аплицирани 52.731 дози на вакцини. Од нив 26.426 први дози, 24.504 втора и 1801 трета доза.