Македонија
24. March 2023 - 16:30

Поскапуваат и личните документи, пасош ќе чини 2.000 по редовна и 6.100 денари по итна постапка

Нов удар врз џебот на граѓаните - поскапуваат личните документи. 

За лична карта ќе плаќаме 120 денари повеќе, па така новата цена ќе биде 310 денари. Слично зголемување има и кај возачките дозволи, плус 130 денари со што документот ќе чини 410 денари. 

За пасош, пак, лицата до 27 години ќе плаќаат исто како и досега – 1500 денари, но постарите ќе треба да издвојат 500 денари плус и да платат 2 илјади денари. 

Многу повеќе ќе треба да се плати за документи по итна постапка. Доколку сакате да земете пасош за 2 дена, ќе треба да платите 6.100 денари, што е зголемување за дури 1.600 денари. Возачка по итна постапка ќе се издава за 1.230 денари.

Новите цени ќе важат откако решението ќе биде објавено во службен весник, најверојатно следната недела.

Од МВР велат дека „промената на цените се прави поради зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот, како и набавка на нови машини “.

Новиот ценовник доаѓа во период кога граѓаните мора да ги сменат личните документи на кои наместо Република Македонија, треба да стои Северна. Крајниот рок за нови регистарски таблички, собраќајна, возачка, лична карта и пасош е февруари догодина.