Македонија
26. December 2016 - 16:31

Потврдена победата на ВМРО-ДПМНЕ со 51 наспроти 49 пратеници за СДСМ

Новите членови на македонскиот законодавен дом ќе седнат во пратеничките столчиња до крајот на неделата. Откако ДИК ќе го достави извештајот за резултатите од изборите, претседателот Велјаноски  ќе ја закаже конститутивната седница. Од ДИК најавија дека уверенијата за освоените пратенички мандати, народните избраници ќе ги добијат во среда, а тогаш веројатно ќе биде познат и датумот за конститувната седница која мора да биде свикана до крајот на последната недела од оваа година.

По прегласувањето во Теарце јасен е распоредот на силите во пратеничките клупи. 51 столче се одвоени за пратениците на Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО – ДПМНЕ, 49 за СДСМ, 10 за пратениците на ДУИ, 5 столчиња за добиените места на БЕСА, 3 за Алијасна за Албанците и последните две столчиња ќе ги пополнат пратениците на ДПА.

Според член 90 од Уставот, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.

Новиот владин кабинет веројатно ќе биде познат до крајот на месец јануари.

Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. 

Партиите веќе потврдија дека своите напори ги насочуваат кон формирање на владеачко мнозинство.

Уште синоќа од ВМРО - ДПМНЕ порачаа дека Како победници на изборите, остануаат посветени на идните чекори околу формирање нова Влада.

Партијата потврди дека нема да се повлечат од прогласот објавен по резултатите од гласањето на 11 декември.

И покрај потврдениот резултат со прегласувањето во Теарце, и потврдата за освоени 51 мандат на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ лидерот на СДСМ на својот фб профил синоќа напиша – Македонија избра ПРОМЕНИ и ЖИВОТ.