Македонија
20. October 2021 - 16:40

Повозрасните побрзаа да примат трета доза Фајзер

Поголем интерес за трета доза отколку за прва вакцина. Ден по препораката на здравствените власти “бустер” да можат да примаат после три месеци од ревакцинацијата сите на кои претходно им  била аплицирана Синовак или Синофарм,  повторно редици пред вакциналните пунктови. Повеќето беа повозрасни граѓани

-Претходно се вакцинирав со Синофарм, и поминати се три месеци затоа дојдов денеска. Ќе се вакцинирам со Фајзер како трета доза, велат граѓаните кои чекаа ред пред пунктот во Поликлиниката Букурешт.

И од Вакциналниот пункт велат дека денеска поголем е интересот за трета отколку за прва доза.

-Затоа апелирам до сите кои не се вакцинирале да дојдат зошто еве има граѓани кои одлучиле и по трет пат да се вакцинираат, изјави д-р Сања Цилевска, од Здравствен дом Скопје.

Во меѓувреме Владата олесни дел од мерките, па во угопстителски објекти на иста маса можат да седат неограничен број на луѓе со исполнетост на капацитетот до 50 проценти и внатре и надвор.

Најавата на Филипче дека неделава ќе биде одлучено без две вакцини да нема влез во сите затворени објекти и да се присуствува на настани најверојатно ќе почне да се применува по завршување на изборите.

-Засега нема промена на актуелните мерки за посета во угостителски и други објекти, одговорија од здравство.

Инаку досега во земјава комполетно вакцинирани се 46 проценти од полнолетното население. Најголем е опфатот околу  65 отсто во Неготино, Кавадарци, Охрид, а во Куманово, Струмица и Гостивар има помеѓу 30 и 40 проценти имунизирани жители.