Македонија
10. August 2022 - 14:11

Повреден моторциклист и сопатник малолетник од село Новак

 Малолетник од село Новак, општина Центар Жупа е тешко повреден откако паднал од моторцикл, што го управувал негов соселанец, кој се здобил со полесни повреди.

– Во дебарското одделение за внатрешни работи, кое со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа пријавено е дека  во селото Новак, општина Центар Жупа, О.А.(22) од истото село, управувајќи мотоцикл марка „Јонвеи“, без регистарски ознаки, изгубил контрола и паднал на коловозот, заедно со неговиот малолетен сопатник, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.

Тој додаде дека во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 17-годишниот  сопатник  од истото село, а мотоциклистот О.А. се здобил со телесни повреди констатирани во Општата болница во Дебар.

Од болницата потврдуваат дека повредените се вон животна опасност.

И покрај апелите за почитување на  сообраќајните правила и прописи и засилените акциски контроли кон возачи на велосипед со мотор, мопеди и моторцикли, сепак голем е бројот на лицата кои возат со поголема брзина од дозволената, без задолжително носење кацига, а уште побројни се оние кои возат без возачка дозвола.

– Само пред два дена  полициските службеници регистрираа и санкционираа седум прекршоци сторени од овие возачи, најчесто управување без заштитна кацига, без возачка дозвола и нерегистрирани мотор, мопеди и моторцикли, вели Димоски, повторувајќи го апелот.