Македонија
17. July 2015 - 21:44

Пожар во Кривопаланечко, изгоре сува трева

Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка интервенираше на дојава за запалена сува трева околу трансформатор во месноста Крстата падина, населба Стамболици во село Конопница.
 
- По дојава од Полициската станица од општа надлежност во Крива Паланка во 16 часот и 5 минути на терен излезе екипа од двајца пожарникари со едно возило, која се соочи со потешкотии при пристапувањето до самата локација, бидејќи мостот на Крива Река кој води до месноста каде настанал пожарот беше срушен во јануарските поплави, па истиот е небезбеден за минување на тешки возила. Сепак, нашите пожарникари на лице место беа во 16 часот и 20 минути, а пожарот веќе беше локализиран од страна на локалното население и целосно е ликвидиран од ТППЕ во 16:30 часот, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.
 
Тој нагласи дека месното население пружило голема помош за спречување на ширењето на пожарот и реагирало навремено во ситуацијата, за што изрази благодарност до сите кои учествувале во локализација на пожарот.
 
- Пожарот настанал од искра од трансформаторот во близина, по што се запалила и блиската сува трева. Опожарена е површина од 0.01 хектар, а екипи на ЕВН Македонија излегоа на терен и го санираа настанатиот дефект во самиот трансформатор. На лице место излезе и екипа од ПС Крива Паланка и изврши увид, рече Коцевски.
 
Ова е петти пожар на подрачјето на општина Крива Паланка во месец јули пријавен во ТППЕ Крива Паланка, а сите пожари се со проценета мала материјална штета.
 
Коцевски упати апел до жителите на Крива Паланка да бидат крајно внимателни со запалливите материи и догорчињата, бидејќи во овој период кога владеат високи летни температури, рече, опасноста од појава на пожари е голема.