Македонија
23. July 2018 - 16:35

Пратениците „малку“ си ги намалија патните трошоци

Пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ, позната по изјавите за акцизата за нафатата, наместо по 1700 евра месечно, колку што во просек земала за патни трошоци изминативе шест месеци, од сега за истиот поминат пат ќе зема по 1100 евра. Нејзината сопартијка Бети Наумовски која беше рекордер по патни трошоци за првата половина од годината ќе зема околу 1.300 евра месечно, наместо сегашните 1.900 евра.  

Толку отприлка би земала и Љиљана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, како и Алија Камберовски од ПЕИ. Околу 1.200 би земал пак, Зоран Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Локвенец пак, ќе зема по околу 780 евра наместо 1.170. Сурија Рушити од кај Села ќе зема по 900, наместо по 1.300 евра како досега. 

Намалувањето е резултат на конечното гласање на измените на Законот за пратеници денеска во парламентот. Иако процентуално намалување е за 33 отсто, сумите за патни трошоци кои ќе ги земаат пратениците се уште се многу високи и се движат од две до три и пол просечни плати.

Измените беа договарани повеќе месеци, по што беше најден компромис на народните избраници наместо сегашните 30 проценти од цената на нафтата по изминат километар, да им се плаќа 20 отсто. Оние пратеници пак, кои живеат на далечина повеќе од 100 километри ќе имаат право да земат стан во Скопје под закуп за околу 300 евра месечно.

Патните трошоци со години се тема во јавноста откако сумите кои ги земаа пратениците за да дојдат до своето работно место се движеа и по 20.000 евра годишно.

Досега пратениците може да земат пати трошоци само со приложување на една патарина што овозможуваше и злоупотреби бидејки повеќемина пратеници се возеа со ист автомобил. Од сега, патарините ќе мора да се плаќаат со кредитна или дебитна картичка за да се види дека пратеникот лично ја платил патарината.

Вкупно од својот буџет Собранието за оваа намена има предвидено околу 1,2 милиони евра, а месечно зависно од активностите троши од  од 50 до 100.000 евра. Со измените се планира ставката за патни трошоци да се намали за околу 400 илјади евра.