Македонија
14. September 2021 - 14:34

Пратениците од опозицијата бараат оставките на Филипче и Хасани да бидат доставени од Владата

Пратениците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа од претседателот на Собранието Талат Џафери како прва точка на денешната 50-та седница, да се најде предлог-одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство, што беше одбиено од спикерот на Парламентот, со образложение дека, согласно Уставот, таквиот предлог треба да биде доставен од страна на претседателот на Владата. Џафери потенцира дека таков предлог не добил од премиерот.

– Процедурата за разрешување на член на Влада е санкционирана во член 94 од Уставот. Во став еден од член 94, се вели дека члена на Влада има право да поднесе оставка. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата. За предлогот за разрешување на член на Влада одлучува Собранието на правата наредна седница, објасни Џафери.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, цитирајќи го членот 220 од Деловникот на Собранието, во кој се вели дека Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата или на член на Влада му престанува мандатот на денот на одржување на седницата, бараше од првиот парламентарец, да ги констатираат дадените оставки на министерот за здравство и неговиот заменик. Тој потсети дека имало таков случај во 2013 година кога тогашната опозиција СДСМ побарала разрешуваше на висок функционер и тој предлог бил ставен на дневен ред.

– Вие официјално немате добиено оставка. Каде е оставката? Патува од Влада? Чекаме дали ќе биде прифатена? Министерот од Влада решил да даде оставка од морални причини. Ќе му ја оспорите неговата желба дека решил од морални причини да поднесе оставка? Вие ќе го правите неморален? Ова ли е целата игра која треба да се случи во Собрание, вели Мицковски.

Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев цитирајќи ги ставовите на член 219 од Деловникот рече дека премиерот во случај на оставка треба само неа да ја достави до Парламентот.

– Оставката се поднесува до претседателот на Парламентот преку премиерот. Оставката во правото е чин на неотповиклива волја. Оставката не е чин, која некој да ја оценува или преоценува, бидејќи е висок етички морален чин на оној кој ја поднесува. И самиот подносител кога ќе ја пушти не може да ја повлече, а не некој да му ја преоценува, рече Апасиев, кој забележа дека Џафери треба да реагира до премиерот зошто уште оставката не е доставена до Собранието.

Пратеникот Антонијо Милошоски побара предлог точката за одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство да биде ставена на дневен ред посочувајќи дека очекува поддршка од страна на сите пратеници, односно како што рече тој да се констатира оставката за да може на овој важен ресор да се предложи посоодветна личност.

– Сметаме дека тоа е најмалку што може да го направи Собранието, да ја констатира оставката на министерот Филипче, којшто сноси објективна одговорност за ваквата катастрофа, а за субјективната негова одговорност или на други чинители ќе се одлучува во истражна постапка Јавното обвинителство, рече Милошоски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека тој ќе ги стави оставките на дневен ред тогаш кога ќе му бидат доставени од премиерот.

Претходно, пратениците прифатија неколку закони, меѓу кои Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка и Закон за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка. Пратениците прифатија на седницата да се расправа и предлог на закон за дополнување на Законот за облигациските односи, по скратена постапка, поднесен од група пратеници.

По барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски, кој побара од Џафери пауза за да бидат доставени оставките од Владата, претседателот на Парламентот даде пауза, но образложи дека и да стигнат оставките, тој нема да може да ги стави на дневен ред денеска.